Азар: Во Англија нема фудбалски фанатици, а во Шпанија има вистински навивачи! 

По седумте години минати во Премиер лигата, бранејќи ги боите на Челзи, Еден Азар ова лето се реши за нов предизвик во својата кариера и се пресели во еден од најголемите клубови на светот – Реал Мадрид. 

Сепак, поради ситна повреда мораше да го пропушти стартот на новата сезона, и своето деби го имаше пред една седмица на дуелот против Леванте на „Сантијаго Бернабеу“. Во почетниот тим беше и против ПСЖ во Лигата на шампионите, а по овој меч даде изјава која сигурно нема да им се допадне на фановите на Премиер лигата. 

„Мислам дека овде има вистински навивачи. Во Англија нема такви, таму луѓето сакаат фудбал, од најмладо до најстаро е на трибини, но не се вистински фанатици. Се случуваше со Челзи да играме лошо, да редиме порази, а никој тоа не го чувствуваше како катастрофа. Тука е поразлично, уште од првите средби со фановите ми беше јасно дека од нас сакаат трофеи“, рече Азар. 

Трансферот на Азар го чинеше Реал Мадрид 100 милиони евра, а од белгискиот офанзивец се очекува да биде новата ѕвезда на „кралевите“, која ќе му донесе нови трофеи на домашна и европска сцена.