ВИДЕО: Австрија „тврд орев“, но Франција со еден автогол ги освои бодовите

Репрезентацијата на Франција потешко од очекуваното ја оправда фаворитската улога и славеше со минимални 1-0 (1-0) над Австрија во вториот натпревар од групата Д на Европското првенство кое се игра во Германија.

  • Извештај од натпреварот: 

„Триколорите“ го започнаа мечот во посакуваниот ритам и делуваа многу поопасно во првите 45 минути. Избраниците на Дидие Дешамп создадоа неколку одлични шанси, најзрелите преку Килиан Мбапе, но голот сепак дојде по авто-голот на Максимилиан Вобер во 38. минута. 

Франција можеше да има и поубедливо водство на паузата, но мора да се истакне и дека Австрија не делуваше воопшто наивно и на моменти играше високо на противничката половина. Фаворитот ја задржа предноста по истекот на првото полувреме и водеше со 0-1. 

Второто полувреме започна со нова иницијатива на Французите, Мбапе имаше колосална шанса во 55. минута за удвојување на водството, но веројатно ни тој самиот не сфати како успеа да го промаши целиот гол. Австријците тргнаа малку поофанзивно, сакаа да приредат изненадување и создадоа две солидни прилики за гол, но мрежите мируваа во периодот до 70. минута. 

Темпото полека почна да опаѓа во завршната четвртина од мечот, иако Франција беше во многу подобра ситуација и постојано се обидуваше да ја запечати победата. Австрија полека ги губеше силите за било какво изненадување и на крајот мораше да се помири со минимален пораз од фаворитот (0-1). 

„Галските петли“ и Холандија се репрезентациите кои остварија триумф во првото коло и во многу комотна ситуација ќе ги дочекаат следните два меча во групата. Рака на срце, Австрија остави навистина позитивен впечаток и може да жали што не освои изненадувачки бод против еден од главните фаворити за европската титула.