ФОТО: Австрија архивирана, Ангеловски ја започна „операцијата Украина“

Македонската фудбалска репрезентација денес им се врати на тренинзите, неполни 24 часа по поразот од Австрија во првото коло на групата Ц на Европското првенство. На стадионот на Стеауа во Букурешт тренираа само фудбалерите кои вчера не настапија, а оние кои беа подложни на напорите на првите деведесет минути на шампионат, денес имаа процес на рекуперација.

Петнаесеттина фудбалери покажаа енергичност и ентузијазам, па со сигурност ќе го натераат селекторот да размисли за промени во стартниот тим за наттпреварот в четврток против Украина.

Нашите следни противници утре доаѓаат во Романија, а в среда ќе го одржат официјалниот тренинг на „Националната Арена“.

Европската фудбалска федерација утре ќе ги одреди официјалните лица за натпреварот кој е закажан за в четврток во 15:00 часот. Дозволен е пристап на 16.000 гледачи на трибините на прекрасниот стадион во главниот романски град.