Австралија и три азиски земји ќе им се спротивстават на Саудијците за СП 2034

Фудбалскиот сојуз на Австралија е во преговори со неколку земји од Азија за поднесување кандидатура за организација на Светското првенство во 2034 година. 

Се работи за Индонезија, Малезија и Сингапур, кои се заинтересирани за да бидат домаќини на планетарниот собир кој ќе се одржи за 11 години. Оваа информација ја потврди Ерик Тохир, првиот човек на фудбалот во Индонезија. 

„Започнавме преговори со Австралија за заедничка кандидатура за СП 2034. Кога бев во посета на Малезија и Сингапур, изразија желба да ни се придружат“, изјави Тохир. 

Инаку, прв кандидат според информациите за Светското првенство во 2034 година е Саудиска Арабија. Битката на трите азиски федерации и Австралија со Саудијците ќе биде тешка, особено по кревањето на фудбалската лига во оваа земја. 

Инаку, следниот Мундијал во 2026 ќе го организираат САД, Канада и Мексико, додека тој во 2030 година е доделен на Шпанија, Португалија и Мароко.