Аврамовски: Против Шкендија не играме за пари и статус... туку за идеал!

Даниел Аврамовски е најдобриот играч на Вардар, а и воопшто во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) оваа есен. Фудбалерот од средниот ред на „црвено-црните“ со објава го најави дерби-дуелот со Шкендија и истакна дека за вардарци овој меч е од посебна важност.

Вардар е лидер на табелата и има осум бода предност во однос на Шкендија, а со евентуален успех на домашен терен, ќе направи чекор напред во борбата за тронот и порастеретено ќе влезе во пролетната полусезона.

„Не знам дали може да ме разберете, но за мене овој тим е поголема „фаца“ од се друго! Во недела не играме ниту за пари, ниту за статус. Играме за себе, за тимот, тврдоглаво бранејќи го својот идеал. Мојот, твојот, нашиот Вардар. Една љубов, еден тим. Заедно за Вардар“, гласи пораката на Аврамовски пред дербито.

Големото дерби во мак-фудбалот меѓу Вардар и Шкендија е закажано в недела од 13:00 часот, а билетите ќе се продаваат на билетарата на Арената „Тоше Проески“ по цена од 100 денари. Исто така, оние кои имаат сезонски билет за ракометните средби, ќе можат на фудбалското дерби да присуствуваат бесплатно.