Аврамовски: Би сакал луѓето да дојдат во голем број и да нè бодрат против Израел

Фудбалерот од средниот ред на Вардар, Даниел Аврамовски вчера дебитираше за најдобрата македонска репрезентација. Второто полувреме остави подобар впечаток и со тие заклучоци нашите репрезентативци денес се враќаат во нашата земја.

За да се завршат овие квалификации со поголема доза на задоволство и реален исход потребна е победа над Израел и пораз на Словенија во Полска за трето место на нашиот национален тим во групата Г од квалификациите за Европското првенство.

„Среќен сум што дебитирав во националниот тим. Во второто полувреме имавме добар ритам, иако губевме со 2-0.

Ни следи последниот натпревар во групата, дуел со Израел на кој ќе се потрудиме да оствариме победа и да ги израдуваме навивачите. Би сакале да дојдат во голем број и да нè бодрат“, рече Аврамовски.

Вечерва од 18:00 часот репрезентативците ќе тренираат во Скопје, веднаш по враќањето од Виена, а утре во 10:30 часот изутрина Ангеловски го закажа официјалниот тренинг.