• Иван Димовски
Фудбалерите на Канада се сопнаа во второто коло на Голд Купот и одиграа нерешени 1-1 против аутсајдерот Курасао во Хјустон. Иако Канаѓаните важеа за апсолутен фаворит и ретко кој помислуваше на поинаков исход од победа за нив, на крајот оваа селекција мораше да се задоволи со бод. Добра вест за нив е тоа што и натаму се лидер и во најдобра позиција за пласман во плеј-офот на натпреварувањето.
- Курасао - Канада 1-1:
Што се однесува до натпреварот, Канада успеа да поведе по само девет минути игра со голот на Салиба. Потоа следуваше опуштање и тоа аутсајдерот знаеше да го казни. Курасао прво имаше поништен гол на Локадиа во вториот дел, за на крајот во 94. минута преку Антонис обезбеди голем бод за својата земја.
Прва победа во групата запиша Хондурас победувајќи го Ел Салвадор со 2-0. Стрелци на погодоци за оваа селекција беа Квиото и Рамирез. На табелата во групата лидер е Канада со четири, Хондурас има три, Курасао два и Салвадор само бод. Во завршната рунда Канаѓаните играат со Салвадорците, додека Хондурас и Курасао ќе водат директна борба за плеј-оф место.






