• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Аугсбург славеа со 2-0 на домашен терен против Келн во натпревар од 24. коло на Бундеслига. Избраниците на тренерот Мануел Баум ја продолжија одличната серија пред својата публика, стигнувајќи до осми последователен натпревар без пораз на домашен терен, од кои три завршија со победа.
- Извештај од натпреварот:
Првото полувреме не понуди многу возбудувања, но продолжението донесе далеку поинтензивна игра и решавачки моменти. Во 55. минута Бенкс продре по десната страна и испрати прецизна топка до Родриго Рибеиро, кој со атрактивен удар со пета го совлада голманот Марвин Швебе.
Во самата завршница, кога и чуварот на мрежата на Келн се приклучи во нападот во обид да се избори за израмнување, домаќините ја искористија оставената празнина во одбраната. Конечните 2-0 ги постави Алексис Клод-Морис, ставајќи точка на натпреварот.
По ова коло, Аугсбург се наоѓа на деветтото место на табелата со 31 бод, додека Келн е 12-ти со освоени 24 бода.









