ВИДЕО: Атомски меч во Минхен со ПЕТ гола и хепи-енд за ПСЖ!

Екипата на Баерн Минхен на домашен терен потклекна против Пари Сен Жермен (2-3) и ќе има тешка задача во реваншот за шест дена кој ќе го игра на гостински терен во Париз, во рамки на четвртфиналето од Лигата на шампионите.

  • Извештај од натпреварот:

„Баварците“ имаа многу големи проблеми пред овој меч, затоа што Левандовски беше повреден, а Гнабри доби позитивен ковид-тест. Но и покрај тоа, бундеслигашот одигра доста добро и може да жали затоа што загуби. ПСЖ ги казни сите промашувања на ривалот, даде три гола од четири обида, а херој кај голгетерите беше Килијан Мбапе. Тука е и голманот Кејлор Навас, кој го магепса голот кога беше најпотребно и го чуваше својот тим. Баерн Минхен се врати од 0-2, но едно невнимание во продолжението му пресуди.

Дуелот во Минхен почна во знакот на ПСЖ. Гостинот уште во 3. минута дојде до предност по една контра, откако Нејмар го пронајде Мбапе, а тој ја смести топката зад грбот на Нојер. Баерн потоа почна со канонада кон голот на ПСЖ, а главен виновник зошто „баварците“ не погодија за 1-1 беше голманот Кејлор Навас. Чуварот на мрежата на францускиот шампион правеше чуда и изведе неколку феноменални интервенции.

Потоа, следеше непишаното фудбалско правило и за неискористените шанси, Баерн го стигна казната. Во 28. минута Нејмар испрати една феноменална длабочинска топка до Маркињос, а тој иако повреден, вторпат направи Нојер да капитулира. Веднаш по голот, Маркињос беше заманет, па Баерн Минхен ја искористи дупката во одбраната и преку Чупо Мотинг намали на 1-2.

Тоа беше во 37. минута, а до крајот на првиот дел „баварците“ имаа прилики да изедначат, ама не успеаја. Стартот на вториот дел повторно му припадна на Баерн Минхен, а иницијативата вроди плод кога Томас Милер во 60. минута реализира за 2-2. Но, радоста не траеше долго. Само осум минути подоцна Мбапе повлече нова контра и сам го пронајде патот до мрежата. Со одличен шут по земја, одбраната на Баерн остана „смрзната“, а слично беше и со голманот.

И покрај предноста, Почетино не отстапи од офанзивната тактика. Тоа за малку не му се удри од глава, затоа што Баерн Минхен правеше голем притисок во последните петнаесет минути. Сепак, „баварците“ на Флик не успеаја да останат непоразени и овој пораз со ПСЖ беше прв неуспех за тренерот на Баерн Минхен надвор од Бундеслигата, во сите натпреварувања.

ПСЖ со оваа победа на снегот во Минхен на ривалот му сервира слатка одмазда за поразот во ланското издание на Лигата на шампионите. Но, ништо не е готово, затоа што Баерн Минхен никогаш не смее да се отпише.