• Мартин Танасковски
Иако од мадридското дерби меѓу Атлетико и Реал поминаа 17 дена, случувањата од тој натпревар повторно се во центарот на вниманието. Причината е Федерико Валверде, кој наводно заработил тешка повреда на скочниот зглоб, но неочекувано се врати во конкуренција за настап, што предизвика иронична реакција од градскиот ривал.
Атлетико го доби дербито со 2-1, а еден од највпечатливите моменти беше остриот старт на Јужнокореецот Канг-ин Ли врз уругвајскиот фудбалер. По дуелот, Реал објави дека Валверде заработил истегнување на скочниот зглоб од трет степен, а потоа побарал итна суспензија за играчот на Атлетико. Сепак, само 17 дена подоцна, Валверде се најде на списокот на играчи за саботниот натпревар против Виљареал. Дополнително, капитенот на Реал без проблеми го одработил тренингот со соиграчите, што му даде повод на Атлетико да испрати провокативна порака до најголемиот ривал.
„Би сакале уште еднаш да му честитаме на Реал Мадрид што продолжува да испишува историја, докажувајќи дека 100 отсто од светската медицинска заедница погрешила“, објави Атлетико иронично на својот официјален профил на социјалните мрежи.
Со оваа реакција, Атлетико очигледно ја доведе во прашање сериозноста на повредата на Валверде, алудирајќи дека целиот случај можеби бил претеран. Брзото враќање на Уругваецот предизвика реакции и меѓу фудбалските навивачи, особено поради фактот што тој го одигра и самото дерби. Сепак, засега нема докази дека Реал намерно ја претставил повредата како посериозна отколку што била. Додека мадридскиот клуб се подготвува за следните предизвици, случајот останува тема за дебата, а евентуалните обвинувања за манипулација засега се сведуваат на шпекулации и провокации од градскиот ривал.


