ВИДЕО: Атлетико со минималец против Леганес се доближи на -4 од Барса

Во вториот денешен натпревар од 27. коло на Примера, на „Ванда Метрополитано“, Атлетико Мадрид славеше важна победа против Леганес со 1-0 (0-0), по која се доближи на -4 од лидерот Барселона.

Чоло Симеоне, кој најверојатно со мислите е на реванш-натпреварот од Лигата на шампионите против Јувентус, за денешниот натпревар се одлучи за комбиниран состав, но на крајот и тој беше доволен за освојување на нови три бода.

Првиот дел мина главно во битка на средината, а домаќините за нијанса беа подобри и имаа две шанси, но на одмор се замина со почетните 0-0. На стартот на вториот дел „јорганџиите“ добија пенал, кој во првиот обид го промаши нововлезениот Саул Нигез, но по одбиената топка го матира гостинскиот голман (1-0).

Веднаш по водечкиот погодок, Атлетико Мадрид можеше да обезбеди мирно продолжение на мечот, но обидот на Томас заврши само во стативата, Избраниците на Симеоне едноставно ја легнаа топката и со својата препознатлива игра го приведоа мечот кон крајот за конечна победа од 1-0.

Во следното коло Атлетико Мадрид ќе гостува во Билбао, против Атлетик, додека тимот на Леганес ќе ја пречека Џирона.

Во малото баскиско дерби, Алавес и Еибар освоија по еден бод, откако ремизираа со 1-1 (0-1). Први во водство, во 58. минута дојдоа домаќините по голот на Такаши Инуи, а конечните 1-1 ги постави Марк Кардона во 71. минута.