Атлетико смени сопственици: Се врати шпанската икона и ќе има финансиска „инјекција“

Во Атлетико Мадрид официјално почна нова ера, откако американската компанија Аполo Спортс Капитал го презеде мнозинскиот сопственички пакет во клубот.

Промената на сопственоста носи и нова добра вест за навивачите, бидејќи во клубот се враќа легендарниот напаѓач Давид Виља. Поранешниот шпански репрезентативец е именуван за советник на новиот управен одбор. Виља беше еден од клучните играчи во историската сезона 2013/14, кога тимот предводен од Диего Симеоне ја освои титулата во Шпанија и стигна до финалето на Лигата на шампионите.

„Многу сум среќен што се враќам во клубот со нови одговорности, но со истата желба да помогнам Атлетико да продолжи да расте“, изјави 43 годишниот Вилја.

Шпанецот ја заврши играчката кариера во 2020 година во јапонскиот Висел Кобе. Во текот на кариерата настапуваше и за Спортинг Хихон, Валенсија, Барселона, Манчестер Сити, Њујорк Сити и Мелбурн. За репрезентацијата на Шпанија одигра 98 натпревари и постигна 59 голови, со што е најдобар стрелец во историјата на националниот тим.

Новите сопственици најавија и инвестиција до 100 милиони евра, наменета за засилување на првиот тим и развој на инфраструктурата.