Атлетико подготвува ѕвезден преоден рок: Кавани, Ди Марија, Дибала...

Атлетико Мадрид има полна каса со продажбите на Лукас Хернандез и Антоан Гризман (преку 200 милиони евра), а и големата плата на Французинот (23 милиони евра годишно) ослободува големи средства кои клубот ќе ги искористи на пазарот.

Извесна е реконструкцијата на клубот, бидејќи по заминувањето на Фернандо Торес, ова лето уште неколку сенатори кои долго се во клубот од Мадрид ќе го напуштат стожерот на „јорганџиите“. Така, Годин, Гризман, Хуанфран, Мората сигурно нема да го носат „црвено-белиот“ дрес. Многу веројатно ќе си заминат и Диего Коста, Стефан Савиќ и Фелипе Луиз. Пеп Гвардиола е спремен да ја плати клаузулата за Родриго, па и еден од најбитните фудбалери за врска може да облече нов дрес.

Пауло Дибала од Јувентус е прв пик за наследник на Гризман во нападот на Атлетико. Симеоне и директорот Хил Марин ќе му понудат на Јувентус околу 100 милиони евра. На Дибала клубот ќе ја гради својата иднина, а целта е да му се приклучат две ѕвезди на ПСЖ. Ди Марија и Кавани се на една година од истек на договорот со францускиот шампион и големи се шансите дека ќе го прифатат проектот на Атлетико Мадрид. Желба е и доведување на Колумбиецот Родригез, кого Баерн нема да го откупи, па ќе се врати во базата - Реал Мадрид. 

Нов дефанзивен шеф на клубот треба да биде Србинот Миленковиќ од Фиорентина, а Симеоне ќе доведе и неколку фудбалери од јужноамериканскиот пазар.