• Саше Љолес

Екипата на Атлетико Мадрид извојува голема победа со конечни 0-2 (0-1) во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против шпанскиот ривал, Барселона. Каталонците имаа ужасна вечер, останаа со играч помалку и буквално сѐ им тргна во непосакуван правец.
- Извештај од натпреварот:
Мечот започна со силно темпо, веднаш бевме сведоци на две добри шанси на двете страни. Не успеаја да реализираат Маркус Рашфорд и Хулијан Алварез, а особено зрела беше приликата на Аргентинецот, чиј удар беше одбранет од голманот Гарсија.
Барса потоа тргна силно и моќно во офанзива, ја држеше топката, а низ одбраната повремено се „шеташе“ Ламин Јамал, кој постојано прикажуваше фудбалска магија и добиваше аплаузи на отворена сцена. Кога можеби се чинеше дека Каталонците се поблизу до гол, се случи сосема спротивното.
Атлетико „истрча“ една контра, топката дојде до Џулијано Симеоне, кој беше во полн налет, но соборен одзади од Пау Кубарси. Судијата Иштван Ковач покажа жолт картон, но повикот од ВАР-собата ја промени одлуката, по што следуваше прекрасна „бомба“ од слободен удар на Хулиан Алварез во 45. минута. „Јорганџиите“ ја задржаа минималната предност на паузата меѓу двете полувремиња (0-1).
Познавајќи го Ханси Флик, навивачите на Барселона очекуваа офанзивен пристап и покрај бројачаната негатива на теренот. Токму тоа и се случи, каталонскиот гигант се обидуваше од сите страни и на сите можни начини да дојде барем до израмнување. Неколкупати Рашфорд, и по еднаш Јамал и Левандовски, имаа солидни прилики, но без успех во завршницата.
Диего Симеоне постојано им даваше офанзивни инструкции на играчите, но гостите од Мадрид не го наоѓаа лесно патот до шеснаесетникот. Сепак, Барса остави мала дупка во одбраната, а тоа го искористија Матео Руџери и Александер Сорлот. Италијанецот асистираше за Норвежанецот, кој немаше проблеми да ја смести топката во мрежата. Атлетико водеше со 0-2 во 70. минута.
Мораше Барселона да тргне барем по еден гол за мало враќање на самодовербата и внесување поголема драма, но мисијата беше пеколно тешка, и покрај тоа што Атлетико не играше совршено во дефанзива. Времето изминуваше во полза на гостинскиот тим, кој полека го затвораше мечот. Се трудеа Јамал, Дани Олмо и Фермин Лопез да сторат нешто повеќе, но Барса веќе ги загуби и силите, па така на крајот мораше да се помири со болен пораз пред своите навивачи (0-2).
Атлетико се враќа во шпанската престолнина со важна и прилично голема победа. Реваншот ќе се одигра на четиринаесетти април.





