• Саше Љолес
Медиумите во регионот пишуваат дека Динамо Загреб добил две понуди на својата адреса за услугите на талентираниот Петар Сучиќ, кој прикажува одлични игри во дресот на „Модрите“, а во Лигата на шампионите веќе забележа два гола и две асистенции.
21-годишниот Сучиќ изјави дека е среќен во Загреб, но Динамо „трие раце“ од понудите за неговиот потпис и се надева дека ќе може да го продаде следното лето во шпанскиот гигант, Атлетико Мадрид.
„Јорганџиите“ наводно веќе испратиле понуда вредна седум милиони евра, но се претпоставува дека Динамо нема да се задоволи со сума пониска од 15 милиони, како и дополнителни клаузули кои само може да ја зголемат добивката. „Релево“ пишува дека Диего Симеоне лично го посочил Сучиќ како одлично засилување за тимот, па затоа се очекува нова офанзива од шпанскиот прволигаш.
Петар Сучиќ играше на позајмица во босанскиот Зрињски, а во Динамо пристигна минатата сезона и досега одигра 47 натпревари во сите конкуренции. Во младинските категории настапуваше за селекцијата на Босна и Херцеговина, но неодамна го прифати повикот на Златко Далиќ и веќе одигра четири натпревари за Хрватска на сениорско ниво.