• Саше Љолес
Фудбалскиот клуб Атлетико Мадрид влегува во ново поглавје од својата историја, откако американскиот инвестициски фонд „Apollo Sports Capital“ постигна договор за преземање на мнозинскиот удел во клубот. Според повеќе шпански медиуми, преговорите кои траеја повеќе месеци се при крај, а вредноста на трансакцијата се проценува на околу 2,5 милијарди евра.
Иако некои медиуми во Шпанија и регионот шпекулираа со бројка од три милијарди евра, засега нема официјална потврда дека договорот е финализиран по таа цена. Клубот преку кратко соопштение порача дека „разговoрите со потенцијални инвеститори продолжуваат“, но дека сè уште не е потпишан конечен договор.
„Apollo Sports Capital“, дел од глобалниот инвестициски гигант „Apollo Global Management“, во последните години активно инвестира во спортот, особено во САД и Европа. Преземањето на Атлетико би значело дека уште еден голем европски клуб преминува под контрола на американски капитал – по примери како Милан, Рома и Челзи, кои веќе имаат американски сопственици.
И покрај промената во сопственичката структура, Мигел Анхел Жил Марин и Енрике Сересо ќе останат на своите управувачки позиции во клубот, барем во првите неколку години по преземањето од новите газди.
Доколку зделката биде целосно реализирана, Атлетико Мадрид ќе стане еден од највредните клубови во Европа, веднаш зад Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. Новиот капитал би требало да помогне во зајакнување на инфраструктурата и младинската школа, како и натамошно позиционирање на клубот во позиција за постојан конкурент за титулата во Ла Лига и Лигата на шампионите.





