• Иван Димовски

Фудбалерите на Гранада ја продлабочија кризата на Атлетико Мадрид и му го нанесоа четвртиот пораз во низа во Примера. Клубот од Андалузија славеше на домашен терен со 2-1 (1-1), со пресврт прекрасни голови. Во последниот дуел за 2021 година, четата на Диего Пабло Симеоне испушти водство и неочекувано загуби во Гранада.
- Извештај од натпреварот:
Веќе во втората минута од натпреварот Жоао Феликс го отвори резултатот. Португалецот погоди по асистенција на Томас Лемар, па Атлетико многу рано поведе (0-1). Гранада одигра храбро и почна да напаѓа, а тоа резултираше со израмнувачки гол на Дарвин Мачис во 17. минута (1-1). До полувремето мрежата на Гранада вторпат ја стресе Жоао Феликс, ама претходно направи прекршок и голот беше поништен и покрај гостинските протести.
Пресвртот на домашните фудбалери го комплетираше Хорхе Молина. Течеше 61. минута од натпреварот кога асистентот на првиот, го постигна вториот гол за Гранада и го сврте резултатот (2-1). Атлетико притисна на крајот, се обиде да се врати во натпреварот и имаше шанси преку Куња и Анхел Кореа, но не успеа да дојде до позитивен резултат.
„Јорганџиите“ со четирите порази во низа паднаа на петтата позиција, зад Рајо Ваљекано на Столе Димитриевски.