Атлетико и Борусија во „мртва трка“ за првото место и поволна ждрепка во осминафиналето

Гризман

Вечерва се играат последните натпревари од групната фаза во Лигата на шампионите, по кои ќе бидат познати осминафиналистите, екипите кои ќе заработат елиминација, но и сите оние кои ќе ја продолжат европската авантура во нокаут фазата од Лига Европа.

Во групата А познати се патниците во следната фаза, па Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид имаат задача да се борат за челната позиција, која носи свои предност во понатамошниот дел од турнирот. 

„Милионерите“ ќе играат на гости кај Монако, тим кој го декласираа на „Сигнал Идуна Парк“ во првото меѓусебно соочување оваа сезона. Францускиот прволигаш ги загуби сите шанси за европска пролет, па денес ќе игра за честа на своите навивачи.

Од двете страни се очекуваат измешани состави. Гостите допатуваа без своите најголеми ѕвезди како Марко Ројс, Аксел Витсел и Џадон Санчо, а Тјери Анри има проблеми со повредени играчи. Вечерва најверојано нема да настапат Стеван Јоветиќ, Данијел Субашиќ, Џибрил Сидибе и Џорди Мбула.

Белгиски Клуб Бриж ја имаше улогата на аутсајдер во групата, пред да започнат натпреварите, но сега веќе обезбеди место во Лига Европа. Токму тоа би можело да го натера домашниот тренер да настапи без неколку првотимци во дуелот со фаворитот Атлетико Мадрид. 

Тимот на Диего Симеоне се опорави од лошиот старт на сезоната и започна да игра според очекувањата. По дебаклот во Дортмунд, „јорганџиите“ врзаа четири победи во низа и сега се во пол-позиција за првото место во групата, со два бода предност пред екипата на Лусиен Фавр.