Атлетико ги собра наградите во шпанскиот фудбал, Меси до историја

Исто како и секоја година, престижниот шпански медиум „Марка“ одржа гала-вечер на која ги круниса најдобрите во шпанскиот фудбал за сезоната 2020/21.

„Кралот“ на забавата овој пат беше шампионот Атлетико Мадрид, кој го грабна трофејот во последното коло со триумф над Ваљадолид. Трофејот „Алфредо Ди Стефано“ за најдобар играч на сезоната замина во рацете на Луис Суарез.

Наградата за најдобар голман ја прими Јан Облак, додека за најдобар тренер е прогласен Диего Симеоне. Лионел Меси влезе во историјата откако ја прими наградата „Пичичи“ за најдобар стрелец.

Аргентинецот во дресот на Барселона, пред да премине во ПСЖ, постигна 30 гола и така осми пат ја грабна оваа престижна награда, што не му успеало на никој друг во историјата.