ВИДЕО: Атлетико брутален како никогаш, Барселона понижена во Мадрид!

Атлетико Мадрид направи огромен чекор кон финалето на Кралскиот куп, откако во првиот полуфинален дуел на „Ванда Метрополитано“ ја декласира Барселона со убедливи 4-0, при што сите погодоци беа постигнати уште во првото полувреме. Тимот на Диего Симеоне одигра маестрални 45 минути, доминирајќи во секој сегмент од играта и создавајќи доволно шанси за уште поубедлив триумф. Средбата ја одбележаа раната грешка на голманот на Барселона, Жоан Гарсија, како и поништениот погодок на каталонците по една од најдолгите ВАР-проверки досега.

  • Извештај од натпреварот:

Веќе во третата минута Атлетико најави што ќе се случува. Антоан Гризман со брилијантен потег ја исфрли од игра целата одбрана на Барселона, а Симеоне се најде очи в очи со Гарсија, кој овојпат успеа да интервенира. Сепак, само три минути подоцна следуваше бизарен момент. По едноставно враќање на топката од Ерик Гарсија кон својот голман, Жоан Гарсија несмасно ја пропушти топката под ногата и таа заврши зад гол-линијата. Иако акцијата продолжи и Лукман ја испрати топката во мрежата, беше јасно дека станува збор за автогол.

Во 14. минута веќе беше 2-0. По корнер за Барселона, голманот Мусо сигурно ја фати топката и започна брза контра преку Лукман. Акцијата експресно се префрли на десната страна, каде Молина го пронајде Гризман, а Французинот прецизно ја испрати топката низ нозете на Кунде и во мрежата. Барселона имаше свои моменти. Во 20. минута Фермин ја погоди пречката по корнер, а само три минути подоцна Хулијан Алварез пропушти одлична шанса по контранапад, откако неговиот удар беше изблокиран во клучен момент.

Атлетико продолжи да притиска. Во 30. минута Симеоне му избега на Балде по десната страна и му врати на Гризман, кој овојпат шутираше над голот. Само три минути подоцна следуваше нов удар за Барселона и 3-0. Брза и течна акција повторно по десната страна заврши со несебично додавање на Алварез до Лукман, кој рутински погоди. Тренерот Ханси Флик реагираше со рана измена и во 37. минута го внесе Роберт Левандовски, но ниту тоа не го сопре налетот на домаќините. Пред паузата Атлетико стигна и до четвртиот погодок, Симеоне повторно беше иницијатор по десната страна, Лукман му врати на Алварез, а Аргентинецот силно ја закова топката во мрежата за 4-0.

Во второто полувреме темпото опадна. Фермин уште еднаш се закани на стартот, но Мусо излезе како победник. Во 52. минута Барселона постигна гол преку Кубарси по мешаница во шеснаесетникот, но по повеќе од седум минути проверка во ВАР-собата, погодокот беше поништен поради минимален офсајд. Тој момент дополнително ја оттурна Барселона од мечот. Играта стана пораздробена, а во 84. минута Ерик Гарсија доби директен црвен картон откако како последен играч во одбраната го запре Баена. До крајот Атлетико можеше и до петти гол, но Кунде во последен момент интервенираше пред Серлот и спречи нова катастрофа за гостите. Со убедливата предност од четири гола, „јорганџиите“ со огромна доза самодоверба ќе го дочекаат реваншот и се на чекор до пласман во финалето на Кралскиот куп.