ВИДЕО: Атлетико беше надигран, ама Суарез и Караско ја срушија Селта

Фудбалерите на Атлетико Мадрид се радуваа на победа од 0-2 кај Селта во Виго, во шестото коло од шпанската Примера. Погодокот на Луис Суарез уште на стартот и на Фереира Караско во самиот финиш беа доволни за три бода за избраниците на Чоло Симеоне.

  • Извештај од натпреварот:

За волја на вистината, Селта имаше повеќе од играта, контролираше и имаше повеќе можности. Сепак, не успеаа да го матираат Облак и на крајот загубија. Резултатот беше отворен уште во шестата минута. Суарез се најде осамен на пеналтикот и доби добар пас од Мануел Санчез, а јасно е дека Уругваецот не простува такви можности и стрелаше за 0-1. 

Ретко кој очекуваше дека „јорганџиите“ ќе бидат во подредена улога. Селта промаши две шанси во првиот дел, кога Кареира ја погоди стативата, а Санти Мина изнуди интервенција од Облак. По паузата, Суарез имаше нова можност и со глава биеше покрај голот. За Селта најзрелата можност во продолжението ја испушти Веига, а казната на спротивната страна стигна во 96. минута. Караско налета на одбиена топка и ја смести во мрежата за конечните 0-2.