Атлетик Билбао го реши прашањето на тренер за следната сезона

Финалистот на Купот на Кралот, Атлетик Билбао го реши прашањето на шефот на стручниот штаб за следната сезона. Гаиска Гаритано ќе го води тимот и во новата сезона, објави клубот од  „Сан Мамеш“.

Гаритано го продолжи својот договор за уште една година. Тој го презеде тимот на Атлетик Билбао во декември 2018 година, а дојде на местото на Едуардо Беризо.

До овој момент Гаритано ги водеше Баскијците на 61 натпревар, во кои оствари 27 победи, 18 нерешени и запиша 16 порази. Неговиот најголем успех досега е пласманот во финалето на Купот на Кралот, каде Атлетик Билбао очекува нов термин за одигрување на натпреварот за титула против Реал Сосиедад.