Атанасов: Русија сака ЕП? И ние кај нив сакаме бод(ови)!

Младинската селекција на Македонија во полн ритам ги одработува последните подготовки пред заминувањето за Русија, каде се игра претпоследниот меч од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2019 година.

Кај фудбалерите владее оптимизам, постои желба за изненадување, а тоа го потврдува еден од лидерите на овој У21-состав, Јани Атанасов. Фудбалерот на Бурсаспор е дециден дека Македонија има квалитет да се надигрува со секого, па и со Русија, која се бори за место на европскиот собир.

„Да бидам искрен, ние во Русија одиме по бод(ови). Ни малку не размислуваме дали тие се борат за пласман на Европското првенство или пак за нешто друго. Оваа селекција е квалитетна, може да се надигруваме со секој противник и тоа ќе го покажеме на нашите следни два меча кои се последни во овој циклус. Потоа за нас ќе следи Гибралтар, за кого ќе размислуваме по враќањето во Скопје, но играме на домашен терен и знам дека ние ќе бидеме тие што ќе се радуваат на крајот од натпреварот“, изјави Атанасов.

Натпреварот меѓу Русија и Македонија се игра в петок од 18:00 часот, а репрезентацијата заминува за Тула в среда.

Најнови вести од
У21 ЕУРО Кв., Интернационални Млади