Атанасов: Летонија не е наивна, но ние мораме да го потврдиме првото место

Репрезентативецот Јани Атанасов го изрази својот оптимизам пред двата натпревари во Лигата на нации, во кои Македонија ќе треба да го потврди фаворитскиот статус и да го обезбеди првото место во четвртата група од Ц сегментот. 

„Рисовите“ прво ќе се соочат со селекцијата на Летонија, за која Атанасов вели дека има квалитетен тим, но убеден е во реализација на нашиот план и најавува голема борба за трите бода. 

„Собрани сме тука за да го потврдиме првото место во групата. Мотивирани сме и ќе дадеме максимум од нашите можности. Се надевам дека ќе ги освоиме трите бода и ќе ја израдуваме целата држава. 

Нема да ја потцениме Летонија, имаат квалитетен тим кој ни зададе одредени проблеми на првиот натпревар. Ќе се бориме за овој дрес и ќе го оставиме срцето на терен. Мораме да ги исполниме задачите од селекторот, само така ќе можеме да го освоиме целиот плен“, изјави Атанасов. 

Македонија и Летонија се среќаваат на 14 ноември во 20:45 часот, а три дена подоцна ја пречекуваме селекцијата на Фарските Острови во попладневниот термин од 15:00 часот.