Атанасов: Дојдовме со јасна цел, верувам ќе се вратиме во Сплит со тоа што го сакаме

По авантурата во Турција, Јани Атанасов веднаш се етаблира во потребен фудбалер во ростерот на Хари Вукас во Хајдук. Настапот во второто полувреме против Динамо беше само загревање за европските натпревари, а првиот е токму гостувањето во Македонија.

Ренова е првата пречка на Хајдук до целта наречена групна фаза на Лига Европа. Атанасов пред македонските новинари изјави дека е среќен што за противник доби македонски ривал. 

„Се надевам на одличен натпревар. Имаме некоја цел и дојдовме за да ја одработиме таа цел. Верувам дека ќе се вратиме во Сплит со тоа што го сакаме, а тоа е пласман во следната рунда“, кратко порача Атанасов.

Хајдук има позитивна традиција со македонските екипи во евро-куповите, а добро минуваше и во Првата југословенска лига кога играше за првенствени бодови и Куп-натпревари против Вардар и Пелистер.