• Мартин Танасковски
Екипата на Милан не успеа да добие ново дерби, тимот загуби на домашен терен од Аталанта (0-1) и така мисијата Лига на шампиони станува нереална на пет кола до крајот, затоа што „росонерите“ од четвртото место заостануваат девет бода.
- Извештај од натпреварот:
Мечот понуди доста динамика и шанси, но го одлучи еден погодок. Падна во второто полувреме, поточно во 62. минута, кога Беланова по една одлична тимска акција го проигра Едерсон, а тој со глава успеа да го совлада повратникот Мајк Мењан меѓу стативите на „росонерите“.
За Милан до крајот на сезоната битката за еврокуповите ќе биде доста тешка преку шампионатот, а единствена утеха може да им е Купот на Италија, каде во полуфиналето ги чека реванш со градскиот ривал Интер по оние 1-1 на првиот меч.
Што се однесува до калчото, Милан во следната рунда гостува кај Венеција. Аталанта е трета и ќе биде домаќин на Лече.