• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Пиза и Аталанта ги поделија бодовите во премиерниот натпревар од 21. коло на италијанската Серија А, одигрувајќи 1-1 во дуел што понуди драма и возбудувања во самата завршница.
- Извештај од натпреварот:
Сѐ најинтересно се случуваше во последните десет минути од натпреварот. Гостите од Бергамо први го скршија отпорот во 83. минута, но радоста траеше кратко, Пиза возврати само четири минути подоцна и стигна до израмнување. На крајот, ремито не им донесе вистинско задоволство ниту на едните, ниту на другите.
Пиза и понатаму се наоѓа во тешка позиција на табелата. Со освоени 14 бодови остана на претпоследното, 19. место, додека Аталанта со 32 бода е седмопласирана и ја пропушти шансата да го прескокне Комо во борбата за повисок пласман.
Малку недостасуваше херои на тимот од Бергамо да станат голманот Марко Карнезеки и црногорскиот напаѓач Никола Крстовиќ. Карнезеки блескаше меѓу стативите и одбрани неколку стопроцентни шанси на домашниот тим, додека Крстовиќ во 83. минута го постигна водечкиот погодок за Аталанта. Црногорецот влезе во игра во 70. минута, а само дванаесет минути подоцна најдобро се снајде во мешаницата пред голот на Пиза, искористи една одбиена топка и ја смести во мрежата за 0-1.
Сепак, впечатокот беше дека Пиза прикажа подобра игра во текот на целиот натпревар и не заслужи пораз. Правдата ја донесе нигерискиот напаѓач Рафиу Дуросинми, кој во 87. минута погоди за конечни 1-1 и голема радост на домашните навивачи.
Вреди да се истакне и дека на овој натпревар дебитираше Џакомо Распадори во дресот на Аталанта. Италијанскиот офанзивец одигра околу 40 минути, откако како звучно засилување пристигна од Атлетико Мадрид.








