ВИДЕО: Аталанта му се одмазди на „десеткуваниот“ Ливерпул среде Англија

Аталанта успеа да му се одмазди на Ливерпул и на „Енфилд“ победи и освои три бода (0-2) во Лигата на шампионите. По дебаклот во Бергамо (0-5), Џанпјеро Гасперини ги искористи слабите страни и кадровските проблеми на Клоп, па му нанесе удар на англискиот шампион и најави драма во последните две кола од групата Д. 

  • Ливерпул - Аталанта 0-2:

Гостите од Италија уште од стартот тргнаа офанзивно и играа препознатливо. Првата закана стигна по Робин Госенс по девет минути игра, ама од изгледна позиција Германецот биеше за малку непрецизно. Аталанта очекуваше да добие пенал, откако во шеснаесетникот падна Иличиќ, ама судиите останаа неми, а на спротивната страна Салах можеше да казни кога биеше над пречката. 

По паузата ситуацијата на теренот остана иста. Аталанта беше поконкретен тим и заслужено стигна до водство по точно еден час игра. Папу Гомез испрати свој препознатлив, милиметарски точен центаршут преку целата одбрана на Ливерпул, а Јосип Иличиќ ја смести топката во мрежата на Алисон Бекер. Само четири минути подоцна, Аталанта ја удвои предноста и најави победа во Ливерпул. Акцијата одново стартува од Гомез, кој нафрли на втората статива, а Хатебоер ја врати топката на петерецот до осамениот Госенс (0-2). До крајот, домаќинот немаше сили за изненадување и заслужено загуби. 

Во оваа група се одигра и дуелот меѓу Ајакс и Мидтјиланд, каде холандскиот првак победи со 3-1. По првото полувреме немаше голови, ама на самиот старт од второто за само две минути Гравенберч и Мазрауи донесоа предност. До крајот Нерес зголеми на 3-0, а од пенал намали Мабил. Со оваа победа Ајакс остана на втората позиција, со седум бодови, исто колку што има Аталанта, но со потежок распоред до крајот на групната фаза. 

Порто се радуваше на гостувањето кај Марсеј со 0-2 (0-1), во дуелот од групата Ц каде се уште Манчестер Сити и Олимпијакос. Португалците ја потврдија втората позиција и покажаа дека не планираат да се откажат од местото во осминафиналето, а триумфот на „Велодром“ го донесоа Санузи пред паузата и Серхио Оливеира од пенал.