Аталанта го обезбеди засилувањето за ЛШ, доаѓа Луис Муриел од Севиља

Шпекулациите дека Аталанта ќе го распродаде тимот по пласманот на четвртото место и влезот во Лигата на шампионите, не добиваат основа. Клубот од Бергамо има намера да ги задржи главните ѕвезди Папу Гомез и Јосип Иличиќ, а кон нив ќе придодаде уште едно големо засилување.

Имено, клубот од Бергамо го договори колумбискиот напаѓач Луис Муриел, кој доаѓа од Севиља, откако минатата пролет ја мина како позајмен фудбалер во Фиорентина. Деталите од договорот се финализирани и Аталанта ќе плати 20 милиони евра за Колумбиецот.

Муриел блесна во Сампдорија, но во Шпанија не се снајде најдобро и не е во плановите на новиот тренер на Севиља, Јулен Лопетеги. 

Аталанта се наоѓа во завршна фаза на реновирањето на „Атлети Азури Д Италија“ и натпреварите од Лигата на шампионите ќе ги играат на домашен терен.