ВИДЕО: Аталанта без мака ја продлабочи агонијата на Кремонезе

24. коло од италијанската Серија А беше отворено во Бергамо, каде Аталанта со сигурна игра ја совлада екипата на Кремонезе со 2-1 и запиша значајни три бода во трката за горниот дел од табелата.

  • Извештај од натпреварот:

Домашниот тим уште од самиот почеток ја наметна својата игра, а иницијативата беше крунисана веќе во 13. минута. По прецизен центаршут од десната страна, Никола Крстовиќ мајсторски ја прими топката со десната нога и со левата, од вртење, ја смести зад грбот на голманот за водство. За црногорскиот напаѓач ова беше негов седми погодок во сезоната, со што уште еднаш ја потврди одличната форма.

Аталанта продолжи со офанзивен пристап и осум минути подоцна беше блиску до втор погодок. Српскиот репрезентативец Лазар Самарџиќ се обиде со силен удар од работ на шеснаесетникот, но топката заврши во пречката. Сепак, вториот гол не изостана долго. Во 25. минута голманот Аудеро повторно беше совладан. По акција по десната страна, топката стигна до Запакоста кој продре во казнениот простор, се ослободи од својот чувар и со прецизен удар од околу осум метри зголеми на 2-0, на радост на домашните навивачи.

Првото полувреме беше обележано и со непријатен момент за гостите, откако Чекерини заработи силен удар во пределот на носот и не можеше да го продолжи натпреварот, па принудно беше заменет со Терачано. Во продолжението Аталанта имаше уште неколку изгледни шанси да ја зголеми предноста и порано да го реши победникот. Добри можности пропуштија Залевски, Крстовиќ и Распадори, па резултатот остана непроменет.

Во судиското продолжение домашниот тим повторно ја затресе мрежата по корнер од десната страна. Џимшити најдобро се снајде во метежот пред голот и од непосредна близина ја испрати топката низ нозете на Аудеро. Погодокот беше предмет на ВАР-проверка, по што беше поништен поради офсајд позиција на Сулемана. Само една минута подоцна Кремонезе конечно успеа да ја материјализира една од ретките офанзивни акции. По центаршут од левата страна, Торсби ја прими топката на гради и со атрактивен волеј удар погоди за конечни 2-1.