Астон Вила против традицијата, Лестер никогаш не бил елиминиран во полуфинале

По вчерашниот дебакл на Манчестер Јунајтед во градското дерби на „Олд Трафорд“ се чини дека Сити е првиот финалист во англискиот Карабао Куп, иако двете екипи за 20 дена ќе го играат реваншот на „Итихад“. 

За второто место во финалето во ова натпреварување ќе се борат екипите на Астон Вила и Лестер Сити. Вечерва, прв домаќин ќе биде „Кинг Пауер“ стадионот, на кој „лисиците“ како големи фаворити ќе атакуваат на нов трофеј, по историскиот од пред три сезони во Премиер лигата. 

Лестер игра фантастична сезона во англиската елита, а интересно  е тоа што досега низ историјата не бил елиминиран во едно полуфинале на Лига Купот. Од пет полуфиналиња обезбедил исто толку финалиња, а последен пат тоа се случи во сезоната 1999/00, кога и го освои трофејот во ова натпреварување. 

За Астон Вила пак, ова полуфинале е 15-то во клупската историја во Лига Купот, а последен пат до трофејот стигна во сезоната 1995/96, откако со 3-0 го совлада Лидс. Оваа сезона двете екипи се имаат сретнато само еднаш, пред точно еден месец кога Лестер си убедливи 1-4 славеше на „Вила Парк“.