• Мартин Танасковски

Екипата на Астон Вила продолжи да победува под водство на Унаи Емери во Премиер лигата. Тимот како гостин славеше кај Брајтон (1-2) кој играше во одлична форма и се наоѓа во горниот дел на табелата во англиската елита.
- Извештај од натпреварот:
Дуелот не почна според желбите на Вила, затоа што тимот беше во негатива по само 48 секунди. По една конфузија во одбраната, Мекалистер украде топка и биеше во мрежата на Мартинез, за предност на домашниот тим на стадионот „Амекс“.
Потоа на сцена стапи одличниот Дани Ингс. Во 20. минута од пенал тој изедначи на 1-1, а потоа, по паузата, во 54. минута доби топка од Даглас Луиз и направи пресврт. Тоа беше и конечниот резултат.
Астон Вила со овие три бода скокна на дванаесеттото место во Премиер лигата. Ефектот Емери е постигнат и по црната серија со Џерард, поранешниот шампион на Европа сега плови во мирни води, па дури и ги напаѓа горните позиции на табелата. Колото ќе се заокружи попладнево во Лондон, со дуелот меѓу Фулам и Манчестер Сити.
Премиер лигата продолжува по Светското првенство во Катар, во последната недела од декември.