• Мартин Танасковски
Македонскиот фудбалер Илија Несторовски ќе има нов клуб во новата сезона, затоа што неговиот Асколи испадна во понизок ранг и од следната сезона ќе игра во италијанската Серија Ц.
34-годишниот Несторовски во Асколи дојде оваа сезона од редовите на Удинезе во чии редови му истече договорот. Иако имаше договор до 2025 година, Македонецот ќе си оди од екипата затоа што во договорот има клаузула дека може да си бара нова екипа ако Асколи испадне.
Тоа и се случи, па Несторовски ќе има нов клуб. Оваа сезона напаѓачот настапи на 20 натпревари за Асколи, а зад своето име запиша два гола. Покрај за Удинезе и Асколи, во Италија тој играше и за Палермо.