• Саше Љолес
Холандскиот гигант Ајакс го објави името на новиот тренер, а тоа е клупската легенда Џон Хеитинга, кој првпат во кариерата ќе го преземе првиот тим и доби двегодишен договор од управата.
Хеитинга работеше како асистент на Арне Слот во Ливерпул, а претходно беше предводник на вториот тим на Ајакс, каде мина две сезони. Важи за „дете“ на клубот за кој во играчката кариера впиша повеќе од 200 настапи, а потоа го носеше дресот на Евертон, Фулам, Атлетико Мадрид и Херта Берлин.
Ајакс сезонава на трагичен начин ја загуби шампионската титула од големиот ривал, ПСВ Ајндховен, а навивачите се надеваат дека најтрофејниот холандски клуб многу бргу ќе се врати на тронот.


