• Горан Упале
Гостувањето на Столе Димитриевски на подкастот на Стефан Лазаров привлече огромно внимание не само кај македонската фудбалска јавност, туку и кај шпанската.
Шпанските медиуми особено ги апострофираат зборовите на Столе дека голманот Хулен Агирезабала брани затоа што мора да одигра 30% од натпреварите сезонава, бидејќи во спротивно Валенсија ќе мора да му плаќа пенали на Атлетик Билбао.
„АС“ пишува дека екипата и тренерскиот штаб на Валенсија се изненадени од изјавите на Димитриевски и очекуваат објаснување кога ќе се врати од репрезентативните обврски со Македонија. Зборовите на македонскиот голман наводно не биле добро прифатени во соблекувалната бидејќи Агирезабала не игра „поради неговиот договор“, туку затоа што ја има довербата на Корберан, а тренерот не бил обврзан да го игра.
Димитриевски е единствениот играч на Валенсија кој има репрезентативни обврски овој ноември и нема да се врати во тренинг-теренот на клубот уште една недела. Но, кога ќе го направи тоа сигурно капитените и членовите на тренерскиот штаб ќе побараат објаснувања од него во врска со изјавите што ги даде за неговата и улогата на Агирезабала во тимот.
Валенсија има можност еднострано да го продолжи договорот на Димитриевски за уште две сезони, почнувајќи од 30 јуни 2026 година.








