• Горан Упале

По поразот од Порто со 1-0 во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите, менаџерот на Арсенал, Микел Артета, вели дека неговиот тим мора да биде поодлучен.
Лондончани натпреварот на „Драгао“ го загубија во самиот финиш, кога стрелаше Галено.
„Разочаран сум што на крајот го подаривме натпреварот, што не се справивме доволно добро со ситуацијата. Во Лигата на шампионите следува казна - можеби не можете да победите, но барем не губите. Доминиравме, но не напаѓавме со доволно идеи за да изгледа поагресивно, да ги нарушиме линиите на тимот и посериозно да им се заканиме.
Во вториот дел создадовме многу ситуации од кои на крајот ништо не излезе. Ако сакате да стигнете до четвртфиналето, мора да победите, тоа е јасно - мора да бидеме порешителни пред нашите навивачи“, рече Артета.
Реваншот е закажан за 12 март на „Емирати“ во Лондон.