Артета: И судиите знаат да погрешат, знам дека бевме оштетени за пенал!

Арсенал не успеа да дојде до победа на гостувањето кај Нотингем Форест, ремизирајќи со конечни (0-0) во натпревар во кој „топчиите“ имаа иницијатива, но не и реализација. Лондонскиот тим создаде неколку добри шанси, но не најде начин да ја затресе мрежата на противникот.

По натпреварот, менаџерот на Арсенал, Микел Артета, не го криеше разочарувањето од резултатот.

„Дојдовме тука со јасна цел - да победиме. Креиравме доволно шанси за да го решиме натпреварот, но не бевме доволно ефикасни. Морам да им оддадам признание на домаќините за организираниот и дисциплинираниот пристап. 

Имаше ситуација во шеснаесетникот, која, според мене, беше чист пенал за нас. Во вакви натпревари, ситните детали можат да направат голема разлика. Мислам дека бевме малку оштетени, но не сакам да ги критикувам судиите, зашто и тие се луѓе и некогаш можат да погрешат“, изјави Шпанецот. 

И покрај „киксот“, Артета потенцираше дека Арсенал мора да продолжи да работи и да биде поконкретен во завршницата во наредните натпревари. Лондонскиот гигант останува лидер на табелата во Премиер лигата, со седум бодови повеќе од второпласираниот Манчестер Сити.