Артета: Двапати го победивме Реал, можеме да го добиеме било кој ривал!

Арсенал по двете победи над Реал Мадрид се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите, а таму ги очекува двомеч со ПСЖ. Сонуваат лондончани голем успех во елитното натпреварување, откако останаа без шанси за трофеј на домашно тло. Микел Артета на прес-конференцијата пред мечот го најави следниот предизвик. 

„Ова е веројатно еден од најголемите натпревари што ги има видено 'Емирати' откако е изграден. Енергијата и ентузијазмот се чувствуваат насекаде. Не можам да дочекам да започне натпреварот. Сакаме да направиме нешто посебно. Ова е моментот да покажеме кои сме како тим и како индивидуалци. Сега е време да се изразиме на теренот и да ја искористиме оваа неверојатна можност.

Оваа сезона кога ќе се земат в предвид околностите е одлична, прескокнавме многу препреки. Влеговме меѓу четирите најдобри тимови во Европа. Ова е убава приказна, но сакаме уште повеќе. Во четвртфиналето двапати го победивме Реал Мадрид, мислам дека можеме да го добиеме било кој ривал“, изјави Артета.

Арсенал прво ќе биде домаќин на ПСЖ на „Емирати“, а потоа во реваншот патува во Париз. Вториот полуфинален пар го сочинуваат Барселона и Интер.