• Мартин Танасковски
Натпреварот меѓу Арсими и Победа се одигра во навистина тешки услови, а заврши со убедлива победа на домашниот тим (8-1), кој сега скокна на петтото место на табелата во Втората македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
Снегот направи голем проблем на теренот во Голема Речица во Тетово и изненадува како двете екипи дочекаа да одиграат деведесет минути. Немаше никакви услови за фудбал, топката едвај се движеше, но тоа не беше проблем за Арсими да ја понижи прилепската фудбалска гордост.
Уште од почетокот Арсими демонстрира сила, па на полувремето имаше убедливи 5-0. Вториот дел, иако само формалност, донесе нова голеада на теренот кој беше покриен со снег и така го видовме еден од најефикасните натпревари сезонава во македонскиот фудбал.
По два гола за Арсими на овој натпревар постигнаа Шпенд Асани и Арѓент Гафури, по еднаш погодија Енсар Љума, Хузри Џемаили и Ајрадин Цуцули, а автогол си даде Стефан Спиркоски. Единствен стрелец за прилепчани беше Бојан Ивчевски.
Победа по овој пораз останува во долниот дел на табелата во ВМФЛ.