ВИДЕО: Арсими слави кај Македонија ЃП и скокна над опасната зона

Фудбалерите на Арсими славеа на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров со 0-1 (0-1) во натпреварот од 26. коло на ПМФЛ. Средбата во Скопје заврши во корист на гостинот кој скокна над опасната зона на седмото место.

Стартот на средбата беше мирен без преголем ризик од страна на двете екипи. Првата закана дојде преку Еступињан кој откосо се обиде да го изненади гостинскиот голман, ама безуспешно. За Арсими прв се закани Фахд Бајо, кој со глава од тешка позиција биеше крај голот на голманот Ристе Јанков во 11. минута. Повеќе со топката играа гостите, а тоа резултира и со водечки гол. Долга топка преку одбраната доби Фатјон Јусуфи, па со убав удар го матира домашниот чувар на мрежата за 0-1 во 28 минута од средбата. Овој гол неколку минути се прегледуваше во ВАР собата, а на крајот Арсими иако задоцнето се израдува на водството.

Ниту по примениот гол „лавовите“ не успеаја да се наметнат. За голема шанса се чекаше до пред полувремето, кога Николиќ успеа да погоди за Македонија Ѓорче Петров, ама веднаш беше сигнализиран офсајд и голот не важеше. Во вториот дел домашните тргнаа посмело, почнаа да креираат поопасни акции, а имаа и две полушанси без вистинска закана директно по голот на гостите. На спротивната страна Арсими двапати се закануваше преку полуконтри, но акциите завршуваа без удар. Најголемата шанса во вториот дел ја имаше Сикиру Олатунбосун кој пред финишот дочека една допка откосо и со волеј ја испрати кон голот, ама таа заврши во пречката. „Лавовите“ имаа две закани по корнери со глава, ама резултатот остана непроменет и гостите позадоволни си заминаа од главниот град. 

На табелата Арсими со 32 бода е седмопласиран, а исто толку има и осмопласираната Брера, додека Пелистер е деветти со 26, Работнички е десетти со 25, а Македонија Ѓорче Петров со 23 полека, но сигурно гледа кон ВМФЛ.