ВИДЕО: Арсими од бездната до бод, Јовчевски спречи пораз на Пелистер!

Екипата на Пелистер имаше сигурно водство во два наврати, но не успеа да го победи Арсими на гостински терен. Мечот во Гостивар заврши со резултат 3-3, а изобилуваше со убави потези и голови. Овој резултат најавува жестока битка за опстанок напролет, затоа што сите екипи долу на табелата се бодовно израмнети.

  • Извештај од натпреварот:

Дуелот меѓу двете екипи почна активно, а тоа донесе прв гол уште во 15. минута, во мрежата на домаќините. Пелистер поведе преку Вилдан Керим кој се најде осамен на втората статива и по додавање на Ивановски погоди за предност на „зелените“ од Битола. Во продолжението Арсими се разбуди, Шефити во 19. минута имаше добра можност со глава, но немаше погодок, а потоа на тест беше ставен и голманот Јовчевски кој беше добро поставен во повеќе ситуации.

За пропуштеното Арсими доби казна и тоа идентична како претходно. Пак на втората статива имаше сам играч, овој пат тоа беше Марјан Ристовски, кој во 33. минута погоди за 0-2 и го даде дебитантскиот гол за битолчани оваа сезона. Арсими до паузата имаше две добри прилики, но голманот Јовчевски имаше двојна одбрана прво, а потоа шутот на Таипи по третиот корнер за домашните заврши до дирекот. Пелистер, пак, пак изработи иста акција како претходните две за головите, но Бошковски не ја стигна топката на Ристовски, инаку ќе беше 0-3.

Во вториот дел, видовме еден нов Арсими. На стартот на вториот дел, Шефит Шефити успеа да постигне гол за тимот од Чегране и да намали на 1-2. Во продолжението, Пелистер доби пенал, кој во гол го претвори капитенот Ристевски. Се чинеше дека Пелистер ќе победи комотно, но следеше драма. Два брзи гола на домашниот тим донесоа израмнување. Страшен беше голот на Асани, кој влезе од клупата и испрати бомба во мрежата на противникот, а потоа Бесагиќ донесе 3-3. Во 91. минута, голманот Јовчевски спаси четврти гол на Арсими, по удар со глава на Шефити. На спротивната страна, младиот Мрмачевски промаши пред голот. Пелистер го заврши мечот и со играч помалку затоа што Ристевски доби втор жолт картон.

Првата македонска фудбалска лига продолжува во месец февруари.