• Мартин Танасковски

Фудбалскиот клуб ФК Арсими 1973 ја информира јавноста дека донесе одлука за откажување на пријателскиот натпревар кој беше планиран да се одигра против ГФК Охрид.
Оваа одлука е донесена како резултат на појавата и циркулацијата на неодамнешни информации во јавноста, кои се однесуваат на сомнежи поврзани со интегритетот на еден пријателски натпревар одигран од противничкиот тим.
„Со цел да го зачуваме интегритетот на нашиот клуб, да ги почитуваме принципите на фер-плеј, чесна и транспарентна конкуренција, како и да придонесеме кон стабилноста и кредибилитетот на фудбалот во државата, ФК Арсими 1973 смета дека во вакви околности не е соодветно да се учествува на натпревари кои би можеле да остават простор за сомнеж или погрешна перцепција во јавноста.
Ја поддржуваме Фудбалската Федерација на Македонија која континуирано вложува напори во зачувување на интегритетот, регуларноста и транспарентноста на натпреварувањата, како и во борбата против сите појави што можат да го нарушат угледот на фудбалот.
Оваа одлука не претставува обвинување или предвремено донесување заклучоци кон кој било субјект, туку е принципиелен и одговорен став насочен кон заштита на угледот, имиџот и вредностите на нашиот клуб.“, велат од Арсими.
За потсетување, Работнички и ГФК Охрид одиграа пријателски меч кој заврши со резултат 8-2 за „романтичарите“, а по дуелот се појавија сомнежи дека постоеле нерегуларности за оваа средба за кои допрва ќе се докажува и истражува.




