ВИДЕО: Арсими до три бода во „дуелот за опстанок“ со Пелистер!

Екипата на Арсими забележа многу важна победа. Тимот го одбрани домашниот терен од Пелистер и славеше со 1-0 (1-0) во натпреварот кој вредеше многу повеќе од три бода, затоа што беше еден од главните за опстанок во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) оваа сезона. Арсими со триумфот е на седмото место со 35 бода, додека Пелистер е деветти со 26 освоени бода, на втората позиција која води во баражот за прволигашки статус и во следната сезона.

  • Извештај од натпреварот:

Натпреварот меѓу двата тима почна доста мирно, затоа што и Арсими и Пелистер имаа проблеми во играта. Тешко се префрлаше топката од средината кон нападот за да се создадат шанси и немаше големи возбудувања, се до финишот на првиот дел кога го видовме и првиот погодок. Арсими дојде до предност по првата грешка на Пелистер, кога одбраната капитулира по проигрување на Сикиру до Дардишта, а тој по земја го совлада Јовчевски за 1-0 во 44. минута.

Веднаш по примениот гол Пелистер имаше одлична шанса да израмни, меѓутоа шутот на Стефан Спировски од шеснаесетникот заврши во пречката од голот на Дејан Силјановски. На стартот на вториот дел Арсими ја чуваше предноста, а Пелистер беше тој што создаваше шанси. Имаа можности Петровиќ и Булатовиќ да израмнат, но не погодија, а првата посериозна можност домашниот тим ја создаде во 72. минута преку Бајо кој биеше над голот.

Течеше 80. минута, кога од слободен удар Булатовиќ повторно се закани за Пелистер, но топката профуче крај дирекот. Имаше можност Арсими предвреме да го затвори натпреварот во 85. минута преку Гафури, кој шутираше крај левиот дирек на гостите. Сепак, до финишот домашните ја задржаа позитивата и освоија многу важни три бода.

Во следното коло од Првата лига, Арсими гостува кај Работнички, додека Пелистер го чека уште еден многу важен меч пред својата публика со Македонија ЃП.