• Мартин Танасковски
Екипата на Арсенал со голема мака го одбрани домашниот терен и ги освои трите бода во натпреварот против Вулверхемптон (2-1) кој важи за најлош тим во англиската Премиер лига и со едната нога е во понизок ранг. Два автогола им пресудија на „волците“ на гостувањето во Лондон. Сите три погодока на мечот паднаа во второто полувреме, а два од нив беа во екстра-времето. Арсенал едвај победи, а овие бодови може да бидат од голема важност во борбата за титула во англиската елита кога на крајот ќе се сумира се во сезоната.
- Извештај од натпреварот:
„Топчиите“ очекувано подобро го отворија мечот и веќе во 8. минута сериозно се заканија преку Тимбер, чиј удар со глава заврши малку над пречката. Иницијативата беше на страната на домаќините, но првата вистинска опасност за нивниот гол ја креираа гостите, кога Хи-Чан Хванг во 27. минута по одличен дриблинг шутираше, а Раја сигурно интервенираше. До паузата Арсенал имаше уште две добри можности преку Мартинели, но резултатот остана непроменет и по првите 45 минути.
Во продолжението, тимот на Артета ја засили теренската доминација. Се редеа обиди на Мартинели и Ѓокереш, а голманот на Вулверхемптон, Џонстон, се истакна со две извонредни одбрани по ударите на Рајс, одржувајќи го својот тим во игра. Отпорот на гостите конечно беше скршен во 70. минута, и тоа на необичен начин. Сака нафрли од корнер, топката ја погоди стативата, а потоа се одби од Џонстон и заврши во мрежата за водство од 1-0.
И по постигнатиот гол Арсенал продолжи да напаѓа, создавајќи нови шанси преку Тросар и Ѓокереш, но неизвесноста кулминираше во судиското продолжение. Во првата минута од надополнувањето Вулверхемптон израмни преку Арокодаре, предизвикувајќи шок на трибините. Сепак, драмата не заврши тука. Во четвртата минута од судиското продолжение Арсенал повторно поведе, откако Москера несреќно си постигна автогол, со што домаќините стигнаа до исклучително тешка, но вредна победа.






