• Саше Љолес
Екипата на Арсенал со играч помалку се избори за реми на гостувањето кај новиот англиски шампион, Ливерпул, ремизирајќи со конечни 2-2 (2-0) во натпреварот од 36. премиерлигашко коло.
Бодовите повеќе им беа потребни на „топчиите“ кои мораат да го потврдат учеството во Лигата на шампионите, но планот им го нарушија Коди Гакпо и Луис Диаз, кој стрелаа за Ливерпул во првото полувреме (2-0).
Негативата не ги обесхрабри избраниците на Микел Артеа, заиграа далеку подобро во второто полувреме и успеаја да се вратат во игра со головите на Габриел Мартинели и Микел Мерино. Арсенал потоа остана со играч помалку откако втор жолт картон доби стрелецот Мерино, но не дозволи повторно да ја вади топката од својата мрежа и до крајот на мечот успеа да го сочува ремито со кое сега има 68 бода, два повеќе од Њукасл и три повеќе од Манчестер Сити.
До крајот на сезоната во Премиер лигата, Арсенал ќе се сретне со Њукасл и Саутемптон, додека Ливерпул ќе излезе на мегдан со Брајтон и Кристал Палас.