ВИДЕО: Арсенал сè подалеку од ЛШ, Варди во последен момент го спаси Лестер

Фудбалерите на Арсенал испуштија голема шанса да ја продолжат победничката серија во Премиер лигата и по трите успеси во низа одиграа 1-1 (1-0) против Лестер Сити, во последниот денешен натпревар од 34. коло на англискиот шампионат. 

  • Извештај од натпреварот: 

Микел Артета повторно се реши за формација 4-4-2, со Лаказет и Обемејанг во нападот, а на десната крила позиција пак беше поранешниот лев бек Сака, кој одигра нов фантастичен натпревар. 

Токму младиот офанзивец, кој пред неколку дена го продолжи договорот со Арсенал, беше најзаслужен за раното отворање на резултатот, откако со финта се ослободи од Еванс и испрати милиметарски точен пас до Обамејанг, кој без потешкотии ја смести топката во мрежата на „лисиците“. 

Само неколку минути по водечкиот гол на „топџиите“, 20-годишниот Сака повторно беше во центарот на вниманието, но овој пат Шмајхел со фантастична одбрана го сопре неговиот удар и го остави Лестер во живот на овој дуел. 

До крајот на првиот дел се закани и Лаказет, додека на спротивната страна Ихеаначо погоди за 1-1, но направи фаул и голот му беше оправдано поништен. Брендан Роџерс незадоволен од одиграната партија на своите момци на почетокот на вториот дел направи двојна замена, но настаните на натпреварот не се променија и Арсенал продолжи да ја контролира играта. 

Давид Луиз испрати бомба од слободен, но Шмајхел повторно беше на висината на задачата. Еванс во 67. минута беше побрз од Лаказет и исфрли во корнер, по кој токму Французинот ја стресе гостинската мрежа, но беше во недозволена ситуација, па на „Емирати“ беше поништен уште еден погодок. 

Иако „топџиите“ беа подобриот противник, Артета се реши да го освежи својот тим и во игра ги внесе Нкетиа и Вилок, но по само две минути Арсенал остана со играч помалку. Младиот Нкетиа грубо фаулираше и по прегледите на ВАР заработи директен црвен картон, а тоа Лестер веднаш го искористи и преку Варди стигна до значаен бод од ова гостување (1-1).