• Мартин Танасковски
Најнов учесник во четвртото коло од англискиот ФА куп е екипата на Арсенал, која како гостин славеше против Портсмут на „Фратон Парк“ со убедливи 4-1, а апсолутен херој беше Габриел Мартинели, автор на хет-трик.
- Извештај од натпреварот:
Натпреварот започна сензационално за домашните навивачи, бидејќи Портсмут поведе уште во 3. минута. Чаплин шутираше од околу 15 метри, голманот Кепа Арисабалага кратко ја одби топката, но таа заврши кај капитенот Колби Бишоп, кој од работ на петераецот ја смести во мрежата. Сепак, водството на домаќините траеше само пет минути. По корнер од левата страна и голема мешаница пред голот на Портсмут, Доѕел несреќно ја затресе сопствената мрежа за 1-1.
Пресвртот дојде во 25. минута, кога започна гол-серијата на Мартинели. Повторно по корнер, овојпат од десната страна, Мадуеке одлично центрираше, а Бразилецот прецизно реагираше и погоди за 1-2. Арсенал можеше да има и поубедливо водство до паузата. Во 43. минута гостите добија пенал, но Мадуеке не успеа да го реализира.
Во второто полувреме „топчиите“ ја потврдија својата доминација, а Мартинели го комплетираше хет-трикот. Во 51. минута, по асистенција од Габриел Жезус од десната страна, тој погоди за 1-3. Конечниот резултат беше поставен во 72. минута, во сцена која потсети на вториот гол на Арсенал. Уште еден прецизен корнер на Мадуеке, Мартинели ја дочека топката на првата статива и со удар со глава ја испрати во мрежата за конечни 1-4.









