ВИДЕО: Арсенал прокоцка 2-0 и со бод се враќа од кај фенерџијата Вотфорд

Екипата на Арсенал има зошто да жали, затоа што имаше предност од два гола против Вотфорд, но, сепак, само со бод се враќа од гостувањето (2-2).

  • Извештај од натпреварот:

„Топџиите“ одиграа две различни полувремиња, во првото доминираа и имаа контрола над играта, додека во второто беа комплетно надиграни од противникот, па може да се среќни затоа што освоија и бод на гостински терен. Главен проблем во играта на тимот на Емери беше одбраната, која реагираше очајно кога беше најпотребно да се брани.

Дуелот наговестуваше сигурна победа за Арсенал, затоа што Обамејанг со два гола во 21. и 32. минута донесе предност од 0-2 за гостинот, но по паузата, се беше поинаку. Прво Клеверли во 53. минута намали на 1-2 по една топка подарок од дефанзивата, за во 79. минута Давид Луиз да направи пенал, кој во гол го претвори Роберто Переира. До финишот на мечот, Делофеу и Дукур имаа добри шанси за комплетен пресврт, но не успеаја да го надитрат Лено.

Арсенал веќе три кола нема победа во Премиер лигата, а во наредната рунда тимот е домаќин на Астон Вила. Фенерџијата Вотфорд, пак, го освои својот втор бод, а следното коло е пеколно затоа што се гостува кај Манчестер Сити.