ВИДЕО: Арсенал покажа моќ со Интер и ја осигура „пол-позицијата“!

Екипата на Арсенал остана перфектна во Лигата на шампионите и по седум гола. Екипата од Лондон славеше кај Интер на гостински терен (3-1) и ја запиша седмата победа на седмиот меч во Лигата на шампионите. Со овие три бода, Арсенал го осигура првото место за разигрувањето, додека Интер падна во долниот дел на табелата и може да оди во доигрувањето ако не победи во последното коло со Атлетико и резултатите не му одат во прилог.

Натпреварот на „Џузепе Меаца“ започна во високо темпо и со изразена нервоза, исполнет со цврсти дуели уште од првите минути. Брзо стана јасно дека Арсенал не допатувал во Милано со дефанзивна филозофија, туку со јасна намера да ја наметне својата игра. Првата сериозна закана ја создаде Букајо Сака, но искусниот Јан Зомер сигурно интервенираше и најави дека голманот на Интер ќе има напорна вечер. Сепак, отпорот на домаќините беше скршен веќе во 10. минута. По ударот на Тимбер и одбиената топка во шеснаесетникот, Габриел Жесус реагираше инстинктивно и ја насочи топката во мрежата за водство на Арсенал од 0-1.

Интер се обиде брзо да возврати и најзрелата шанса во првото полувреме ја имаше Маркус Тирам. Во 27. минута, напаѓачот на „нероаѕурите“ се најде во одлична позиција, но неговиот удар заврши над пречкат, пропуст кој можеше скапо да ги чини домаќините. Сепак, само неколку минути претходно, трибините експлодираа од воодушевување. Во 18. минута, Петар Сучиќ ја собра одбиената топка на работ од казнениот простор и со силен и прецизен удар погоди за израмнување на 1-1, вистински еврогол кој ја раздвижи публиката во Милано.

По погодокот, Интер имаше неколку солидни моменти. Федерико Димарко беше исклучително активен по левата страна, додека Лаутаро Мартинез се закануваше по воздушен пат, но без конкретна завршница. Арсенал, од друга страна, стрпливо ја чекаше следната можност и ја дочека. Во 31. минута, по нов одбиеник во шеснаесетникот, повторно најприсебен беше Габриел Жесус, кој го постигна својот втор гол на мечот за 1-2, додека асистенцијата беше запишана на сметката на Леандро Тросар. До крајот на првиот дел, Интер се обидуваше да одговори, но без вистинска реализација, па Арсенал замина на пауза со минимална предност.

Во второто полувреме, домашниот тим значително го засили притисокот, но „топџиите“ делуваа организирано, компактно и дисциплинирано во дефанзивната фаза. Големи можности пропуштија Тирам и Еспозито, додека на спротивната страна Зомер мораше да интервенира по обидите на Сака и Тросар. Како што одминуваше времето, Арсенал изгледаше сè посигурно, а влегувањето на Виктор Ѓокереш донесе дополнителна енергија и длабочина во нападот. Клучниот момент на натпреварот се случи во 84. минута. Шведскиот напаѓач ја прими топката надвор од казнениот простор, без размислување упати силен удар и прецизно погоди за 1-3, целосно замолчувајќи го „Џузепе Меаца“ и ставајќи печат на големата победа на Арсенал во Милано.

На останатите натпревари, Ељиф Елмас беше асистент за Наполи во ремито со Копенхаген (1-1). Калчолигашот можеше да остане и без бодови, ама Данците промашија пенал пред крајот. Олимпијакос, пак, во Пиреја со 2-0 беше подобар од Баер Леверкузен.