• Мартин Танасковски
Англискиот фудбалер Букајо Сака потпиша нов долгорочен договор со Арсенал и со тоа стана најплатениот играч во историјата на клубот од „Емирати“. Според новиот договор, англискиот репрезентативец ќе заработува 343 илјади евра неделно, односно речиси 18 милиони евра годишно.
Англиските медиуми уште во јануари објавија дека 24-годишниот офанзивец договорил нов петгодишен договор. Задржувањето на Сака било приоритет за раководството, а наскоро се очекуваат разговори и за продолжување на соработката со Јуриен Тимбер и Деклан Рајс. Амбициите на клубот под водство на Микел Артета одиграле клучна улога во одлуката Сака најдобрите години од кариерата да ги посвети на тимот од северен Лондон.
Овој потег доаѓа по минатогодишните нови долгорочни договори на Вилијам Салиба и Габриел Магаљаеш, како и на младите таленти Итан Нванери и Мајлс Луис-Скели, со што спортскиот директор Андреа Берта ја потврди стратегијата за задржување на клучните играчи.
Сака оваа сезона има седум гола на 33 настапи за „топчиите“, кои се во трка за првата шампионска титула во Премиер лига од 2004 година. Арсенал моментално е лидер на табелата со четири бода предност пред конкурентите, а до крајот на првенството преостануваат уште 12 кола.










